ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Се зборува на Facebook: Ќе ги броиме крвните зрнца или ќе ги бараме точките кои не спојуваат?

Охрид, 4. април 2024 (ОХРИДПРЕС) – Навидум обична вест за стара фотографија од Охрид, која датира од далечната 1900 година, и која го прикажува градот во едно поинакво светло и време, предизвика сосема обратни реакции и уште еднаш докажа дека живееме во крајно наелектризирано време, полно со измешани чувства и често фали само една мала искра за да излезат на површина некои стари „сметки“.

Дали била прво црква па џамија, дали тоа најгоре било крст или некој друг симбол, кој од каде дошол, дали бил прв тука, па зошто некој пред 124 години сликал џамија, покрај 365 цркви во Охрид (!), па раката да му се исушела, па…

Поделеноста за жал се зголемува, наместо да се намалува, за што секако последиците мора да се бараат во незадоволството на граѓаните од општата состојба во државата, неизвесноста во иднината, политиката, корупцијата, скоро никаквата доверба во судството, правниот и образовниот систем, медиумите и се’ останато. Ако на тоа се додаде и изборниот период, станува јасно зошто најголемиот дел од граѓаните реагираат на прва и без премногу размислување. Како сите заедно да заборавивме на соседите, пријателите, заборавивме дека некогаш не прашувавме кој од која вера или нација е, кој е неговиот Бог…

Сакале или не, а ние сме од оние кои сакаат, ова е местото каде почиваат нашите предци, каде живееме ние и кое треба да им го оставиме на нашите деца. Балканот е наша заедничка емотивна татковина. Таков каков што е, малку крв, малку мед, но е наш и ако знаевме малку подобро да ги бираме првенците кои би требало да не водат, ќе беше многу поубаво место за живеење за сите.

Во еден од коментарите, кој го потпишуваме со две раце, жител на оваа улица напиша:

Mnogu ubava i znaćajna slika za site nas śto żiveeme na ovaa ulica i koj sekojdnevno minuvame niz nea.

Има многу легенди и преданија кои се раскажуваат за охридската Хаџи Дургут или Крст џамија. Заедничко е дека за да опстои објектот, морало да се направи компромис меѓу двете големи религии.

За крај и една прекрасна приказна од рубриката Живот на OhridPress за пријателството помеѓу Самир и Мухамед, христијанин и муслиман кои беа „еднакви во срцето“.

Ви ја пренесуваме во целост:

Иако според дел од изворите станува збор за измислена приказна, сепак вреди да се прочита, особено поради силната порака која ја носи за двајцата големи пријатели, Самир и Мухамед.

Самир бил христијанин со џуџест раст кој не можел да оди, додека Мухамед бил слеп муслиман кој го носел на грб и по насоките добиени од пријателот Самир, заедно се движеле по градските улици. И покрај тоа што потекнуваат од различни религии и потекло, двете сирачиња ја делеле собата, животот и пријателство.

Самир имал посебен талент да раскажува приказни од жешките Арапски ноќи, кои ги воодушевувале посетителите на еден дуќан во кој се продавало кафе во Дамаск, додека Мухамед продавал слатки во близина и во истата улица. Мухамед му верувал на Самир каде и да го водел, а Самир го користел грбот на својот пријател за да го обиколи градот.

Времето поминувало и еден ден, Мухамед го нашол Самир мртов. Плачел и тагувал по својот пријател седум дена по ред, а на крајот умрел од тага. На прашањето како двајца луѓе од различни религии и потекло можат толку добро да се сложуваат, Мухамед едноставно покажал на своето срце и рекол – Тука бевме еднакви.

Фотографијата е направена од фотографот Танкред Думас во 1889 година и стана симбол на пријателство и взаемно почитување и покрај сите разлики. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука