ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија ОБРАЗОВАНИЕ Охрид ТОП ВЕСТИ

Охриѓанецот Леонид Тодороски е меѓу средношколците кои во Бат, Англија од денеска ќе ја претстават Република Македонија на Меѓународната олимпијада по математика

Охрид, 11. јули 2024 (ОХРИДПРЕС) – Охриѓанецот Леонид Тодороски е меѓу 6-те талентирани средношколци кои ќе ја претстават Република Македонија на Меѓународната олимпијада по математика што започнува денеска во Англија.

Овој ќе биде најновиот во низата настапи на Леонид и шанса да ја збогати витрината со медали. Покрај учество на регионални и државни натпревари, математичките вештини ги презентирал и на Јуниорска и Балканска Олимпијада.

Во интервју за Супер радио и OhridPress неодамна истакна дека љубов кон математиката покажал уште на пет годишна возраст, реашавањето задачи го исполнува, а математиката за него е еден вид уметност. Освен математиката, негова голема љубов е и биологијата. Со Леонид разговаравме и за тоа дали неговите соученици го консултираат кога ќе заглават со некој математички проблем, што прави во слободното време, но и каде се гледа себеси во иднина.

Покрај Леонид, во тимот на младите математичари се и Дамјан Давков, Алексиј Тасиќ, Никола Цветаноски, Бранко Јангеловски и најмладиот меѓу нив, Ивано Божиновски. Тие ја сочинуваат екипата за Меѓународната олимпијата по математика (ИМО2024) која ќе се одржи на Универзитетот во Бат, Англија од денеска, 11-ти до 22-ри јули 2024 година. Во екипата како трет се пласираше и матурантот Јан Стојановски кој одлучи да се откаже од учество на ИМО за да се фокусира на Меѓународната олимпијада по физика која се поклопува со ИМО. Стојановски лани направи своевиден подвиг кога ја претставуваше Македонија на двете олимпијади кои случајно се погодија еднаподруга во Јапонија.

Македонските тимови на олимпијади веќе неколку години постигнуваат забележителни успеси на најпрестижните светски натпревари и редовно се враќаат со медали. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука