Избор Охрид

Домазетоски: Се стремам проектите од електрониката да ги решавам на поразличен начин

Охрид, 4. декември 2015 (ОХРИДПРЕС) – Успехот e кога секој електронски или машински изум ќе најде примена во секојдневната работа, смета младиот Игор Домазетоски, еден од наградените ученици од Охрид на Проектот „Лидер“ – избор на најдобар ученик во струка од завршните години во стручното образование во Република Македонија.

Четворица ученици од Општинскиот Електро машински училишен центар Свети Наум Охридски се стекнаа со награди во својата струка на овој државен натпревар.

Домазетоски освои прво место во електро техничката струка, образовен профил елекротехничар за компјутерска техника и автоматика. Тој вели дека нема поубаво чувство да се биде прв во струката на натпревар, како потврда на и на досегашните признанија кои пристигнувале на негова адреса од самите професори кои му предаваат.

Супер радио и ОхридПрес реализираше интервју со Игор Домазетоски за неговиот успех на Проектот „Лидер“.

Супер радио: По каков редослед се одвиваше натпреварот на државно ниво, кој се одржа во ОЕМУЦ „Свети Наум Охридски“?

Домазетоски: Прво се натпреварувавме во теоретски дел. Тоа траеше околу еден час. Оние кои подобро го имавме совладано материјалот, можевме и порано да завршиме. По прегледувањето на тие тестови, преминавме на практичниот дел. За разлика од теоретскиот дел, практичниот беше во времетраење од час и половина. Потоа ги чекавме резултатите.

Супер радио: Како што знаеме, четворица ученици од Општинскиот Електро машински училишен центар Свети Наум Охридски беа дел овој натпревар на национално ниво. Останатите натпреварувачи беа од други стручни училишта од државава. Разменувавте ли идеи и мислења со вашите врсници од другите училишта?

Домазетоски: Имавме можност да поразговараме со неколку, затоа што сепак толку беше времето и требаше повеќе да се сконцентрираме на натпреварот. Имаше конверзации дека има голем број на натпреварувачи и голем интерес.

Супер радио: Врз основа на какви критериуми жири комисијата ги донесе оценките?

Домазетоски: За практичниот дел критериумите беа дали прецизно и точно работи моделот кој го правевме. Се оценуваше дали е уредно и удобно наместено, дали ја има потребната заштита и слично.

Супер радио: Која беше конкретно твојата задача, на каков проект беше сконцентриран? И каде би нашол примена овој твој мал изум, но сепак големо достигнување за така млад човек?

Домазетоски: Мојот проект беше автомат со контролирање на електромотор. Главната функција беше да се користи електромоторот, да е активен, се додека не се донесе некој метален дел на сензор. Кога ќе се случи тоа, треба да паузира на одредено време и повторно да се вклучи. Мојот модел би нашол најголема примена во фабричка хала, односно некоја фабрика за преработка на метални продукти.

3

Супер радио: Ти и додека беше ученик во основно училиште имаше успеси на натпревари по математика. Сега како средношколец, си еден од најдобрите во твојата струка. Значи натпреварите не ти се непозната работа, си бил дел од многу натпревари, каде си постигнувал успеси. Од каде доаѓа твојата желба да истражуваш токму на полето на електротехниката?

Домазетоски: Едноставно, отсекогаш тоа ми било интересно. И низ дома секогаш тоа го имам работено и затоа ми е лесно сега. По завршувањето на средното образование, би сакал да одам и на факултет, во главно за програмирањето сум заинтересиран, но може и за друго. Најмногу ме интересира програмирањето, но и електрониката и автоматиката.

Супер радио: Голем дел од наставата која ја посетувате во училиште, е насочена кон практичната работа. Колку добивате можност на часовите да покажете креативност вон она што е зацртано да се сработи или совлада како знаење?

Домазетоски: Најголем пример за тоа ни е по предметот Програмирање. Бидејќи најчесто може истата задача да се реши на различни начини. Јас и мојот другар, според професорот, сме едни од најдобрите во класот, и ние најчесто ги решаваме задачите многу поразлично, на други начини.

Супер радио: Како твоите дома реагираат на овој интерес кој го покажуваш за електрониката?

Домазетоски: Од сите имам голема поддршка. Татко ми ми дава совети, бидејќи и тој за истото е заинтересиран. Околу електро инсталациите дома никогаш немаме проблем, бидејќи двајцата се разбираме во тие работи.

На натпреварот на Проектот „Лидер“ во организација на Центарот за стручно образование и обука на Република Македонија, награда во категоријата Електротехничар за електроника и телекомуникации доби охридскиот ученик Бари Сејдиноски, додека во категоријата Електротехничар – енергетичар – Димитар Плеушкоски, кој беше и прогласен за најдобар учесник на натпреварот воопшто. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука