Избор Охрид

Општински натпревар по прва помош: „Биди херој, укажи прва помош“

Охрид, 5. мај 2018 (ОХРИДПРЕС) – Во организација на охридскиот Црвен крст денес ќе се одржи 47-от Општински натпревар по прва помош.

На натпреварот, стекнатите знаења и техники за укажување на прва помош ќе ги покажат повеќе од 200 ученици-натпреварувачи од сите основни и средни училишта од Охрид и Дебрца, организирани во екипи во категориите подмладок и младина.

– И оваа година на општинскиот натпревар ќе се применуваат критериуми и стандарди кои се спроведуваат при одржување на европските натпревари по прва помош. Во таа насока натпреварувачите, но и посетителите на оваа манифестација, на повеќе пунктови низ Охрид, почнувајќи од плоштадот „Св. Климент Охридски“, продолжувајќи по Градскиот кеј, ќе бидат сведоци на симулирани-реални случки на несреќи, изведени од членовите на актерските групи од Црвен крст – Охрид, како и реалистички приказ на повреди, подготвени од посебно обучени шминкери за повреди на Црвен крст од Охрид. За регуларноста и оценувањето на натпреварувачите ќе се грижат 15 судии за прва помош. Присутните граѓани ќе имаат можност да видат и доколку сакаат, научат како правилно се укажува прва помош и да добијат бесплатни совети од инструкторите за прва помош, информираат од охридскиот Црвен крст.

Општинскиот натпревар по прва помош ќе се реализира во периодот од 09:00 до 15:00 часот (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука