Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

Членови на полициската асоцијација ги посетија највозрасните на Геријатрија во пресрет на Велигден

Охрид, 4. мај 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во пресрет на најголемиот христијански празник Велигден – Христовото воскресение, членови на Интернационалната полициска асоцијација – регион Охрид го посети геријатриското одделение при Општата болница во Охрид.

– 23 повозрасни лица кои тука престојуваат и се лекуваат, не пречекаа со насмевка на лицето и ни пуштија рака во знак на добродојде. Ним, од срце им го честитавме Велигден, ги прашавме како се, како се чувствуваат, како го поминуваат денот, им посакавме добро закрепнување, добро здравје и среќни моменти. Честитки за Велигден упативме и до целиот тим на одделението, предводен од доктор Соња, им посакавме добро здравје и им искажавме почит за нивната посветеност во зачувувањето на здравјето на луѓето за кои се грижат. Баба Стојанка која има 96 години, баба Доста и останатите, не испратија со насмевка, од душа ни рекоа „да остарите и вие“ и не поздравија со најдобриот христијански и великденски поздрав „За многу години“. Така срдечно и топло, од душа не поздрави и дедо Божин кој не испрати до врата, ги крена рацете високо и среќно, и ни рече „Бидете живи здрави, да живее Македонија, да се видиме пак“. Ќе се видиме дедо Божин, бабо Стојанке, баба Доста, ќе се видиме, со Господ напред, да сме живи здрави сите, за многу години. Благодарни сме што не примивте денеска и што со Вас, како наши пријатели, се почувствувавме посреќни.
Нашите дедовци и баби, нашите повозрасни претци, ја заслужуваат целата љубов и почит на овој свет. Тие беа и се, нашиот столб. Тие се вградија себе си во нас, во нашиот развој и во напредокот на Македонија, потенцираат од асоцијацијата. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука