Избор Охрид Хроника

СВР Охрид: Александар Л. од Охрид и Виктор С. од Ваташа загинаа синоќа кај Пештани

Охрид, 7. август 2016 (ОХРИДПРЕС) – Две лица ги загубија животите во тешката сообраќајна незгода што синоќа во 18:05 часот се случи на на регионалниот пат Охрид-Св. Наум, на околу 400 метри од пешачкиот остров пред влезот на хотелот „Десарет“.

Од здобиените повреди, на лице место почина 26-годишниот Александар Л. од Охрид, а на пат кон охридската Општа болница, во возилото на Брза помош починал и 22-годишниот Виктор С. од селото Ваташа кај Кавадарци. Двете лица се превезувале со моторцикл марка „Џилера“ со охридски регистарски таблици и по коловозот се движеле од правец на Св. Наум кон Охрид. На критичното место, моторциклот преминал на левата сообраќајна лента и со предниот дел удрил во левата предна страна од патничко моторно возило марка „Фолксваген транспортер“ со германски регистарски ознаки. Ова возило се движело од спротивната насока, управувано од страна на 32-годишниот Ф.Е. од Дрезден, Германија. Починатите, немале заштитни шлемови во моментот на управување на моторциклот, информираат од СВР Охрид.

soobrakajkapestani2На местото на сообраќајната незгода, извршен е увид во присуство на јавен обвинител, полициски екипи од Полициската станица за безбедност во патниот сообраќај Охрид и вешто лице. За време на увидот кој траеше до 21:00 часот, сообраќајот, до 20:25 часот бил запрен во двата правци, а потоа физички регулиран со наизменично пропуштање на моторните возила.

По наредба на Јавниот обвинител, во текот на денешниот ден ќе се изврши обдукција врз сега починатите, а ќе биде извршено и дополнително вештачење врз моторциклот. (Крај)

извор: СВР Охрид фото: Фокус

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука