ЕКОЛОГИЈА ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

На Охридското Езеро ќе му требаат 1.000 години да се оправи од загадувањето

Охрид, 7. јули 2022 (ОХРИДПРЕС) – Зелената алга и годинава го прекри крајбрежјето на Охридското Езеро. Видлива беше насекаде, од центарот на Охрид, кон плажите кон Извидничкиот центар, но и во оддалечените делови на двете страни на крајбрежјето, охридската и струшката.

– Таа зелена алга ви е најдобриот показател за присуството на комуналните отпадни води. Оваа алга, кога почнав да работам пред 20 години ја немаше, камењата беа комплетно голи и чисти. Погледнете сега каде ја имате најмногу, предупредува Златко Левков, доцент на Институтот по биологија на Природно математичкиот факултет во Скопје.

Причината за ова тој ја гледа во загадувањето на езерото кое се полни со хранливи материи, главно од отпадните води. Проблемот, додава научникот, е во тоа што кога еден вид како зелената алга почнува да вирее во видоизменетата средина, таа го зазема просторот на ендемичните видови алги. Тие се намалуваат, се истиснуваат, со тенденција да исчезнат.

А Охридското Езеро се смета за еден од најзначајните водени еко-системи во светот.

– Во светот!, потенцира биологот Левков, револтиран што многумина го игнорираат фактот дека во земјава имаме нешто толку убаво, посебно и ретко, но не го чуваме. Објаснува дека во него живеат голем број ендемични, но и таканаречени реликтни видови, познати како живи фосили, кои успеале да се задржат во истата форма повеќе милиони години и сега може да се забележат уште само во Охридското Езеро.

– Тие микроорганизми се адаптирани да живеат во точно определени услови. Ако вие условите ги промените, тие организми имаат две опции – или да се адаптираат, или да ви изумрат. Некој организам кој живеел во точно определени услови три милиони години, а вие одеднаш, за 20-30 години драстично ги промените овие услови, веројатноста дека тој ќе се адаптира е многу мала. Веројатноста дека тој ќе ви исчезне, е многу голема, дециден е Левков.

Комплетната информација ОВДЕ. (Крај)

извор: tocka.com.mk фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука