Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Автопат Охрид-Кичево: На бројчаникот уште 9 дена, на лице место уште месеци и години…

Охрид, 22. декември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Како едно колективно потсетување за сите до каде е реално дојдена работата со изградбата на автопатот Охрид-Кичево, од 1. ноември на OhridPrss беше поставен „Автопатски Бројчаник“, за сите да знаеме уште точно колку време остана до крајот на оваа година, кога според одговорните истекува рокот за изградба на овој патен правец.

На бројчаникот денеска останаа уште точно 9 дена, а на лице место е повеќе од очигледно дека од свечената лента и чочеците не делат уште месеци, а можеби и години… Како што ветивме, бројчаникот ќе остане видлив до 31-ви декември и ќе не потсетува сите, а особено одговорните и најзасегнатите за важноста на овој патен правец за Охридскиот регион, но и за тежината на јавно искажаниот збор.

Изградбата на автопатот Кичево-Охрид трае скоро полна деценија и останува една од топ темите во охридската јавност, пред се’ поради фактот што во текот на изминатите десетина години, колку што се работи на делницата, лошите услови за возење на патот предизвикаа неброени сообраќајни незгоди во кои загинаа многу луѓе. Иако се свесни за големината на проблемот и обемот на работите, граѓаните на социјалните мрежи апелираат да се изнајде максимално брзо решение и конечно да заврши изградбата на овој патен правец, на кој годиниве наназад е зголемен за неколку пати бројот на соообраќајни незгоди, од кои дел и со трагични последици. Тие реагираат на доцнењето во изградбата на патот, а дел се сомневаат во најавената динамика, пред се’ поради бројот на ангажирани работници и работни машини и бараат итно завршување на работите. Дел прашуваат дали ќе има одговорност за доцнењето со, како што го нарече Вицепремиерот во Владата на Република Македонија Артан Груби „несреќниот проект“, и каде се’ завршија потрошените пари.

Треба да го добијам извештајот, и на Влада ќе се разгледува. Разговарав со сите инженери на овој пат, тој извештај е во финална фаза, можеби ќе пристигне уште утре, но ЈП ќе достави информација на Влада, изјави синоќа министерот за транспорт и врски во Владата на Република Македонија Благој Бочварски за дебатниот магазин Click Plus на Тв21.

Тој напомена дека договорот има краен рок за изведба до 31-ви декември 2023 година, но тоа значи дека ако не бидат завршени работите, тогаш треба да се разговара на кој начин државата ќе продолжи со тој проект.

– Дали ќе се раскинува договор, дали ќе се почнат преговори за нов договор, продолжување на рокот. Суштински, она што се случува на терен е дека имаме 11 свлечишта кои се појавија во изминатиот период, додава Бочварски.

За проблемот со 11-те нови свлечишта кои ја одолговлекуваат изградбата на патот од Кичево до Охрид неодамна зборуваше и премиерот на Република Македонија Димитар Ковачевски. Тој отвори дилема дали кинескиот изведувач и неговите подизведувачи имаат капацитет да го завршат овој проект и дека тоа ќе биде предмет на анализа која што во моментов ја прави државната фирма за патишта. Истакна дека има ревизија во однос на финансиските аспекти и во однос на процедуралните аспекти.

Дека автопатот Охрид-Кичево не може да биде завршен до Нова година, откри пред повеќе од  еден месец и директорот на ЈП за државни патишта Ејуп Ристеми. Тој за телевизијата објави фотографии од свлечиштата кои се појавиле на патниот правец.

– Мостовите се завршени, но имаме големи проблеми со свлечиштата и треба да најдеме техничко решение за тие да се санираат. Свлечиштата се повторуваат по втор, а некои и по трет пат. Имаме 11 свлечишта каде треба да се направи сериозна анализа и техничка документација за стабилизирање на земјиштето, истакна Рустеми.

Тој истакна дека проблемите се направени уште со првото проектирање на патот, дека не се проектирани косините како што треба и требало да се измени проектот во 2018 година, но не потенцира кој треба да ја понесе правната и финансиската одговорност.

– Ние влеговме во експропријација на земјиштето до новите граници, каде се појавија свлечиштата. После тоа требаше ново проектирање и стабилизирање на косините. За жал, можно е и по трет пат да се влезе во експропријација, напомена Рустеми.

Тој додаде дека експропријацијата не е комплетирана за целиот автопат Охрид-Кичево, но и дека и без тоа можеле да се изведуваат градежните работи на најголемиот дел од трасата.

Крајниот рок за договорот со кинеската компанија „Синохидро“ е 31-ви декември 2023 година.

– Не зборуваме за раскинување, туку за негово продолжување. Треба да имаме техничко решение за стабилизирање на сите косини и свлечишта. Ангажиравме и Фидик експерт кој ќе направи целосна анализа на договорот со сите последици. После тоа Владата и Собранието ќе одлучат како ќе продолжиме со проектот после Нова година, напомена Рустеми.

Автопатската делница Кичево-Охрид е дел од Коридорот 8 во должина од 57 километри и инвестиција од 598 милиони евра, односно далеку над првично предвидените 374 милиони евра. Работите за изградбата на овој автопат започнаа во февруари 2014 година, по што рокот беше поместен за 2018 година, односно подоцна за  јуни 2021 година. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука