Избор Култура ОБРАЗОВАНИЕ Охрид ТОП ВЕСТИ

Проекција на документарниот филм „Охрид, Охрид убав мил“ на Илија Пиперкоски за учениците во ООУ „Св. Климент Охридски“

Охрид, 24. април 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во ООУ „Св. Климент Охридски“ се реализира проекција на „Охрид, Охрид, убав мил“, новиот документарен филм на режисерот Илија Пиперкоски, во кој се зборува за настанување на култната песна.

– Низ прекрасен наратив хронолошки се запознавме со тајфите и трубадурите кои негувале чалгиска музика и со животот на охриѓани претставен преку испеаните песни. Проекцијата на филмот е со едукативна цел за подобрување на квалитетот на знаењето кај учениците. Целиот настан подразбира подготовка, гледање и активности по гледањето на филмот. Во делот на подготовка учениците добија задачи и задолженија, а после проекцијата се дискутираше за впечатоците и се носеа заклучоци, информираат од ООУ „Св. Климент Охридски“.

Филмот го следеа ученици од VI до IХ одделение, а интегрирани се повеќе предмети и тоа: музичко образование, историја, македонски јазик.

– Целта на овој проект е да го стимулира истражувачкиот дух кај учениците и нивната мотивираност да научат нешто повеќе за музичката традиција во Охрид, особено за чалгијата и нејзиниот историјат, потенцираат од охридската Гимназија.

Како заокружување на активностите за достојно одбележување на празникот Св. Климент Охридски – Патрон на градот, во декември минатата година се одржа премиерата на документарниот филм „Охрид, Охрид убав мил“ на познатиот македонски и охридски режисер Илија Пиперкоски. Повеќе за новото дело на Пиперкоски од интервјуто кое тој го даде за Супер радио и OhridPress. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука