ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Избори 2024 Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

ДИК по обработени 99,03% од гласовите: Гордана Силјановска- Давкова оди во втор круг со повеќе од 160 илјади гласови пред Стево Пендаровски

Охрид, 25. април 2024 (ОХРИДПРЕС) – Од Државната изборна комисија (ДИК) ги соопштија резултатите на претседателските избори, по обработени 99,03% од податоците, кои покажуваат предност на кандидатката Гордана Силјановска- Давкова со над 160 илјади гласови пред Стево Пендаровски.

Силјановска- Давкова има 362.682 (40,08%) гласови после 99,03% обработени податоци, додека Стево Пендаровски има 180.306 (19,93%) гласови. Бујар Османи има 120.903 (13,36%) гласови, Арбен Таравари 83.356 (9,21%) гласови, Максим Димитриевски 83.787 (9,26%) гласови, Билјана Ванковска- Цветковска 41.172 (4,55%) и Стевчо Јакимовски 8.103 (0,90%).

Претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски истакна дека минал мирно, а граѓаните гласале достоинствено.

Запомнете, јас ќе соработувам со партијата што ме предложи, ќе соработувам со премиерот, со министрите, но ќе соработувам и со опозицијата, со невладиниот сектор, со медиумите. Знам дека претседател/претседателка на држава мора да биде натпартиска личност, да слуша, да докажува, да инспирира, да го исполнува ветеното, рече Гордана Силјановска Давкова, кандидатка за претседател на Македонија, на синоќешната прес-конференција.

– Ќе се обидам секој ден и секому да докажам, да покажам дека сум таму не заради пмојата политичка кариера, туку заради Македонија. Дека сакам да бидат горди на мене, бидејќи јас ќе го докажувам тоа, дека Македонија за да биде горда, мора да биде слична на останатите демократски држави, да биде стандардна, да биде втемелена на владеење на правото, да биде посакувано,м навистина пристојно место за политички натпревар. Македонија не може да биде само моја, Македонија мора да биде на сите вас, да биде твоја, ваша, па нека биде и наша тогаш, изјави Силјановска Давкова.

Денеска народот во Македонија покажа дека си ја сака Македонија. И дека секој оној кој што го потценува народот, ја потценува Македонија и прави голема грешка. Ветив дека ќе победиме со најмалку 100.000 гласови разлика, победуваме со повеќе од 170.000, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

– Многу работи зборувавме дека ќе се случат, не ни веруваа, не потценуваа. Мислеа дека со деца мали си имаат работа. Најлошо е кога човек ќе го потцениш. Но, ние благодарение на народот, народот на Македонија покажавме и докажавме дека Македонија ја има и ќе ја има уште многу долго време. Ветував многу работи, и сите работи се случија. Не напаѓаа, не напаѓаа и од внатре, ни се закануваа, се обидуваа да не делат, се обидуваа да ја делат Македонија, се обидуваа да го делат народот, користеа структури од минатото на ВМРО-ДПМНЕ да не напаѓа, но ние издржавме затоа што верувавме и затоа што вие бевте со нас. Ви благодарам од срце народе на Македонија! Ветував дека ќе се случи народ и денес се случи народ. Победа, победа голема е ова за македонскиот народ, за граѓаните во Македонија, порача тој.

Мицкоски откри дека се слушнал со албанската опозиција и дека на Арбен Таравари му честитал на резултатот и му посакал успешни парламентарни избори и идна влада во Македонија.

Актуелниот претседател кој бара нов петгодишен мандат, Стево Пендаровски, вечерва во обраќањето по првиот изборен круг изјави дека разликата во однос на Гордана Сиљановска Давкова е голема, но нагласи дека нема предавање, додаде дека од утре се започнива од нула.

– Општа оценка од првиот круг е дека резултатите не се такви какви што ги очекувавме, бројките уште се движат и се пресметуваат. Разликата е веројатно нешто повеќе од 130 илјади гласови, очекувавме помалку, но утре е нов ден и ќе почнеме со нови средби со граѓаните. Започнуваме од нула, нема предавање, порача Пендаровски.

Ковачевски: Денес е тежок удар, но нема да ги наведнеме главите – ќе продолжиме да се бориме

Денес е тежок удар за европската перспектива, но се уште не е доцна да се смени правецот, откажувањето не е опција за нас, ние никогаш нема да се откажеме од европската иднина за Македонија, порача претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски. Тој посочи дека станува збор за тежок удар за европската перспектива, но дека ќе продолжи да биде на терен со граѓаните и ќе работи за добивање на поддршката за европска иднина на државата.

– Имаме две недели да ја испратиме пораката до ској град, до секое село, до секоја куќа, до секој човек, дека единствениот начин за вистинска и суштинска промена е европската интеграција на земјата. Знаеме дека луѓето се уморни од европскиот пат. Знаеме дека многу луѓе сметаат дека ЕУ не ги одржа своите ветувања. Но, нема друга опција освен земјата да биде дел од ЕУ, и не постои друг пат освен патот на европските интеграции. Време да ги ставиме на страна сите разлики и да се обединиме зад идејата за европска Македонија.Мора да ги оставиме на страна сите несогласувања. Тука ние зборуваме за иднината на земјата и ако ја пропуштиме шансата, овој пат, ќе треба далеку многу повеќе време да ја вратиме земјата на вистинскиот пат. Знам дека многу наши поддржувачи се разочарани, но сега не е време за откажување, имаме уште две недели. Јас ќе бидам на терен секој ден со вас, сите тука позади мене ќе бидат на терен секој ден и ќе работиме за да ја добиеме поддршката за европска Македонија, порача Ковачевски.

Кандидатот на Движење ЗНАМ За наша Македонија, Максим Димитриевски порача дека испишале историја на македонската политичка сцена.

– Можам да потврдам дека се роди третата политичка сила во македонскиот политички блок во државата која што имаме намера во следниот период дополнително да ја потврдиме и надоградиме со цел еден ден граѓаните да имаат можност да бираат нешто ново, рече тој.

Граѓаните на Република Македонија денеска гласаа за новиот шеф на државата кој ќе ја води во текот на следните пет години. Во изборната трка беае седум кандидати, што е најголем број на кандидати во историјата на државата. За победа во првиот круг беше потребно кандидатот да освои гласови на повеќе од половината од вкупниот број регистрирани гласачи.

Вториот круг ќе се одржи на 8-ми мај, заедно со парламентарните избори.

Кандидати за прв човек на Република Македонија беа Стево Пендаровски, поддржан од СДСМ и коалицијата, Гордана Силјановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Стевчо Јакимовска од ГРОМ, Бујар Османи поддржан од Европскиот фронт, Билјана Ваковска поддржана од Левица, Арбен Таравари од коалицијата Вреди и Максим Димитриевски од Движењето ЗНАМ. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука