Скопје/Охрид, 2. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – Системот за информации за пожари и управување со ресурсите (Fire Information for Resource Management System – FIRMS) редовно ги објавува најновите податоци за пожарите ширум светот, скоро во реално време (NRT).
Екипата на OhridPress ја објавува најновата мапа на овој систем за пожарите во Република Македонија во моментов. Дел од нив, според истиот извор се во пошироката околина на Охрид.
Информациите се обезбедени преку системите за фотографирање (MODIS) на сателитите Aqua и Terra. На глобално ниво, овие податоци се достапни во рок од 3 часа по сателитското набљудување, но за САД и Канада, активните податоци се достапни во реално време.
NASA FIRMS користи сателитски набљудувања од системите MODIS и VIIRS за откривање активни пожари и термички аномалии ширум светот и ги доставува овие информации до носителите на одлуки. FIRMS првично беше развиен од Универзитетот во Мериленд.
Попладнево изби силен пожар кај селото Косел, во близина на Охрид, и во опасност е боровата шума во околината. Таму е упатен еден хеликоптер, објави попладнево директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов. Пожарот избил во близина на црквата „Свети Илија“ над селото, по што соодветни екипи на Противпожарната бригада од Охрид се на терен во борба со огнената стихија, а на помош им доаѓа и локалното население.
Надлежните апелираат на смиреност кај населението, да не се крева непотребна паника.
Денес претпладне на територијата на Република Македонија активни се 6 пожари на отворено и шумски пожари, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
– Во Општина Демир Хисар, врз пожарот на Илинска планина дејствуваме со концетриран напад од 5 „Ер трактори“ (1 на ДЗС, 2 германски и 2 шведски), информираат од ЦУК.
Додаваат дека на тешко пристапниот терен на земја го гаснат локални пожарникари со подршка на месно население. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: FIRMS