COVID-19 Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

Два угостителски објекти во Охрид не ја почитувале забраната за работа

Охрид, 26. март 2020 (ОХРИДПРЕС) – Безбедносната состојба на подрачјето на седум општини што ги покрива СВР Охрид е стабилна, информриаат од Секторот.

– Изминатово деноноќие, во периодот од 07:00 часот на 25-ти март до 07:00 часот на 26-ти март 2020 година, забраната за движење за време на спроведување на мерките за ограничено движење и заштита на граѓаните од ширење на коронавирус COVID-19, ја прекршиле две лица (Струга-1 и Кичево-1). Во Охрид околу 20:30 часот и во охридското село Лескоец околу 22:30 часот, два угостителски објекта не ја почитувале забраната за работа и вршеле послужување на гости. Притоа, во угостителски објект лоциран на плоштадот „Крушевска Република“ во Охрид, нарушен е јавниот ред и мир, по што приведен е сопственикот на објектот. Од страна на Државниот пазарен инспекторат, објектите се затворени и против сопствениците ќе биде поднесена кривична пријава. Полициските службеници во Охрид укажаа помош на лице со нарушено здравје кое, од улицата „Питу Гули“ е префрлено во Општата болница. Непречено се одвива контролата на лица кои се под мерките задолжителен државен карантин, здравствен надзор и домашна изолација и задолжителна 14 дневна самоизолација, информираат од СВР Охрид.

На подрачјето на општините Дебар и Центар Жупа, каде е прогласена кризна состојба, непречено се реализираат мото-патролите што ги спроведуваат полициските службеници низ градските средини и приградските населби. Притоа, не се регистрирани собирања на граѓани на јавни места, нема нарушувања на јавниот ред и мир и нема регистрирани сообраќајни незгоди. На терен, без проблем се одвиваат активностите кон лица што се ставени под мерки за самоизолација, здравствен надзор и домашна изолација.

Во општините Дебар и Центар Жупа без проблеми се реализираат мерките за контрола при влез на патнички и други моторни возила, како и активностите за дотурот на храна, лекови, средства за лична хигиена и други потреби за граѓаните во двете општини. Сите правни лица кои вршат дотур треба да се најават во Кризниот штаб на фиксниот телефон 046/831 051 по што, нивните возила со полициска придружба ќе бидат спроведени до соодветните трговски објекти. Потсетуваме дека влезот е дозволен само на лица кои се жители на општините, а истовремено е оневозможен, односно строго е забранет излезот на сите граѓани затекнати на подрачјето на двете општини.

Упатуваме апел до граѓаните, строго да ја почитуваат одлука на Владата за забрана на движењето од 21.00 до 05.00 часот секој ден, како и дисциплинирано да се придржуваат до сите останати препорачани мерки и насоки во врска со спречувањето на ширењето на корона вирусот (COVID-19), а сите правни и физички лица строго да се придржуваат до насоките на полициските службеници. Граѓаните, на бесплатниот телефонски број 08 0000 201 или на 192, можат да ги пријавуваат сите случаи на лица кои ги прекршуваат одредбите за задолжителна 14-дневна самоизолација. Сите оние кои ги прекршуваат дадените препораки, ќе бидат санкционирани согласно член 205 и 206 од Кривичниот законик. (Крај)

извор: СВР Охрид фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука