ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Весела изборно/пописна математика: Албанци во Охрид на избори 2.628, на пописот истата година 1.942, каде „исчезнаа“ Египќаните?!

Охрид, 31. март 2022 (ОХРИДПРЕС) – Податоците на Државниот завод за статистика од пописот кој беше спроведен минатата година покажаа дека во Охрид живеат 1.942 Албанци, од кои 921 мажи и 1.021 жени.

Оваа бројка станува посебно интересна ако се направи споредба со бројките од последниот изборен циклус кој се одржа исто така минатата година во Охрид. Според истите, најголемите партии кои ги претставуваат Албанците во Охрид – ДУИ и Беса, заедно освоија 2.528 гласови. На изборите ДУИ освои 2.349 гласа или 7,92% од избирачите (освоени 2 советнички места), додека Беса освои 279 гласа или 0,94% од гласачкото тело (бројките се од освоените гласови на листите за советници).

Според ова, близу 700 граѓани кои не се Албанци гласале за некоја од овие две партии. Според пописот во Охрид живеат 1.831 Турци, 232 Роми, а покрај останатите помали заедници, регистрирани се и 2.008 лица заведени како „други неспомнати“. Високите бројки во изборниот дел сигурно најмногу се влечат од овој „шешир“, но сепак, бројките кои се добиени од пописот и тоа како ќе имаат влијание врз распределбата на силите, а со тоа и на „колачот“ на следните локални избори. За потсетување, двата процеси се одвиваа скоро во исто време, што ја намалува можноста за грешка.

Ова, во комбинација со „непостоечките“ Египќани, кои реално се меѓу трите најсилни гласачки тела во Охрид, прави резултатите од пописот очекувано да бидат примени со доза сомнеж кај граѓаните.

Охрид има 51.428 жители, 18.368 домаќинства и 33.660 станови, покажаа податоците на Државниот завод за статистика од пописот кој беше спроведен минатата година. Според истите резултати, од вкупниот број жители (51.428), 25.231 се мажи, 26.197 се жени. Во Охрид живеат 40.488 Македонци (19.903 мажи и 20.585 жени), 1.942 Албанци (921 мажи и 1.021 жени), 1.831 Турци (890 мажи и 941 жени) и 232 Роми (100 мажи и 132 жени). Во Охрид живеат и 314 Власи, 281 Срби, 23 Бошњаци, 2.008 лица се заведени како други неспомнати, 13 не се изјасниле, а за 7 било непознато.

Во Република Македонија живеат 1.836.713 граѓани, соопшти директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски.

Пописот на населението, домаќинствата и становите се спроведе во периодот од 5-ти до 30-ти септември 2021 година.

Комплетната информација за пописните резултати ОВДЕ. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука