Здравје ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ ОБРАЗОВАНИЕ Охрид ТОП ВЕСТИ

Во охридската градинка нема деца заболени од пертусис

Охрид, 11. март 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во објектите на детската градинка „Јасна Ристеска“ во Охрид нема дечиња заболени од пертусис или голема кашлица.

Директорката Ирина Милеска за Супер радио и OhridPress вели дека состојбата е стабилна, а 20-на деца периодов треба да одат на закажаниот термин за вакцинација.

– Сега засега немаме никакви проблеми, стабилна е состојбата, немаме заболени дечиња. Ние уште од почетокот на годинава презедовме соодветни мерки, им бараме на родителите и редовно се носат потврдите за примени вакцини. Моментално има околу 20-на деца што имаат закажана вакцина и треба да одат на соодветниот термин, најголемиот дел се за ревакцина или немаат примено вакцина поради здравствени причини, претежно заради настики и вирози, потенцира Милеска.

Од охридскиот Центар за јавно здравје потврдија дека во Охрид и натаму е стабилна состојбата и нема деца заболени од голема кашлица. Специјалист епидемиолог д-р Јованка Стурлакова Коровешоска вели дека, иако и претходно имало висок процент на вакцинирани, зголемен е одзивот за вакцинација, најмногу за ревакцинација, по најавите дека ќе има инспекции во градинките.

Потенцира дека вакцината заштитува и апелира до родителите да размислуваат зрело и да ги вакцинираат своите деца. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука