ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Избори 2024 Општина Дебрца Охрид ТОП ВЕСТИ

Претседателски избори 2024: Излезноста во Охрид до 18:30 часот е 49,14%

Охрид, 24. април 2024 (ОХРИДПРЕС) – Излезноста во Охрид до 18:30 часот е 49,14%, покажуваат резултатите објавени на официјалната веб страна на Државната изборна комисија (ДИК).

Излезноста на изборите за истиот период на гласачките места во Општина Дебрца изнесува 56.22% проценти. До 18:30 часот излегле да гласаат 1.961 лица. Во главниот избирачки список за претстојните претседателски избори во Охрид се запишани вкупно 51.717 избирачи, додека во Дебрца право на глас имат вкупно 3.938 лица.

Во општините Охрид и Дебрца сите избирачки места утрово беа отворени навреме.

Од СВР Охрид информираат дека денеска, во 12:15 часот бил приведен 48-годишен охриѓанец кој го фотографирал гласачкото ливче на избирачкото место 1271 во Охрид. Додаваат дека по целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

Во текот на вчерашниот ден правото да гласат го искористија и 167 од пријавените 172 болни и изнемоштени лица кои гласаа во домашни услови, а гласаа и сите 27 лица од Охрид кои издржуваат затворска казна, сите седум лица во установи за вонсемејна грижа и тројцата граѓани од Охрид во дипломатско-конзуларните претставништва. Во текот на вчерашниот ден гласаа и болните и изнемоштени лица во Општина Дебрца, каде од пријавените 22 гласачи, правото на глас до искористиле 21 лице.

Граѓаните на Република Македонија денеска ќе го дадат својот глас за новиот шеф на државата кој ќе ја води во текот на следните пет години. Во изборната трка се седум кандидати, што е најголем број на кандидати во историјата на државата. За победа во првиот круг е потребно кандидатот да освои гласови на повеќе од половината од вкупниот број регистрирани гласачи. Ако тоа не се случи, ќе има втор круг, на 8-ми мај, заедно со парламентарните избори.

Кандидати за прв човек на Република Македонија се Стево Пендаровски, поддржан од СДСМ и коалицијата, Гордана Силјановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Стевчо Јакимовска од ГРОМ, Бујар Османи поддржан од Европскиот фронт, Билјана Ваковска поддржана од Левица, Арбен Таравари од коалицијата Вреди и Максим Димитриевски од Движењето ЗНАМ. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука