Забава Избор Култура ТОП ВЕСТИ

Меѓународен ден на џез музиката

Охрид, 30. април 2024 (ОХРИДПРЕС) – Денешниот ден, 30-ти април е познат како Меѓународен ден на џезот, кој се слави со цел да се подигне свеста за вредностите на џезот како едукативна алатка и сила за мир, единство, дијалог и засилена соработка меѓу луѓето.

За да се одбележи овој датум, во многу земји се одржуваат разни организации кои го промовираат овој музички правец, кој е доста популарен ширум светот.

УНЕСКО за овој ден го одреди 30-ти април, со резолуцијата одобрена од Генералната конференција на оваа организација во ноември 2011 година.

Џезот е музика која побудува посебни чувства и емоции со мелодијата, ритамот и хармонијата која ја прават посебна и уникатна уметност. Се појавил на почетокот на 20 век во афро-американските заедници во јужниот дел на САД, како мешавина на африкански и европски музички традиции.

Од самите почетоци до денес, џез-музиката презема елементи од американската народна музика за многу различни стилови како Њу Орлеанс џез, кој датира од раните 1910-ти, Џипси џез од 1930-тите и 1940-тите, Бибап од средината на 1940-тите, Кул џез, Авангарден џез и многу други.

Најкористени инструменти во џез музиката се саксафон, труба, тромбон, тапани, контрабас, ксилофон и скоро сите електрични инструменти по 70-тите години. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука