ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Избори 2024 Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Изборен молк, 68 болни и изнемоштени лица денеска ќе го остварат гласачкото право во Охрид

Скопје/Охрид, 7. мај 2024 (ОХРИДПРЕС) – На полноќ стапи на сила изборниот молк во пресрет на вториот круг од Претседателски избори и Парламентарните избори кој завршува со затворањето на гласачките места на 8-ми мај, во 19:00 часот.

На вториот круг од претседателските избори право на глас имаат 1.814.317 избирачи, додека на парламентарните избори 1.815.350 избирачи. Разликата во гласовите е 1033, генерално поради граѓани кои стекнуваат полнолетство. Се гласа на 3.480 избирачки места, а избирачите во текот на денот ќе можат само еднаш да го посетат избирачкото место и да гласаат. Идентификацијата на гласачите ќе се врши со т.н. фингерпринт апарати.

Денеска, односно ден пред изборите, први гласаат болните и изнемоштените, затворениците, лицата во старските домови и, пријавените од дијаспората, но само за претседателските избори.

Во Охрид за гласање се пријавиле 68 болни и изнемоштени лица, информираат за Супер радио и OhridPress од Општинската изборна комисија (ОИК Охрид). Рокот за пријавување истече на 30-ти април на полноќ и оваа бројка е плус од оние 172 лица што беа пријавени за првиот круг од претседателските избори. Овие граѓани своето гласачко право ќе го остварат денеска, во домашни услови.

За овој изборен циклус променети се локациите на 8 избирачки места на територијата на Општина Охрид:

– ИМ 1271, од МЗ „Билјанини избори“, улица „Мирче Ацев“ број 31, префрлено е во ЈЗУ Општа болница (Модуларна), на улица „Сирма војвода“ број 1.

– ИМ 1260, од приватен објект на улица „Даме Груев“ е префрлено во ОСУ „Св. Климент Охридски“ од Охрид (Гимназија).

– ИМ 1297, од хотел „Бетон“ е префрлено во Основното училиште во селото Долно Коњско.

– ИМ 1281 и 1281/1, се префрлени од приватен објект во населбата „Видобишта“ во ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“, на улица „Живко Чинго“ број 1.

– ИМ 1283 и 1283/1, се префрлени од приватен објект на улицата „Момчило Јорданоски“ во ОУ „Христо Узунов“, на улица „Питу Гули“ број 128.

– ИМ 1267, е префрлено од МЗ „Железничка“ во приватен објект на улица „Железничка“ број 104 А. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука