ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Николовски: Членови на Slow Food Ohrid и готвачот Димитар Арнаудовски ќе учествуваат на Саемот за храна и пијалоци „Вкуси ја традицијата“

Охрид, 29. септември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Следната сабота, 7-ми октомври, во Градскиот парк во Скопје ќе се одржи вториот национален саем за храна и пијалоци „Вкуси ја традицијата“.

На овој ден ќе се слави и биодиверзитетот на храната и традицијата на Македонија, па и органските производители како понов тренд, изјави за Супер радио и OhridPress Николче Николовски, претседател на Националниот одбор на Slow Food Macedonia, кој додаде дека меѓу учесниците секако ќе бидат и охридски производители, претставници на конвивиумот Slow Food Ohrid.

– Ќе се одржува во периодот од 11:00 до 18:00 часот, ќе има над 300 излагачи, мали производители од Македонија, производители на традиционална, органска храна, мали семејни винарии и дестилерии, занаетчиски пивари, ќе има преработки од овошје и зеленчук, месени работи, житарици, до сирења, месни производи, тартуфи…Секако дека меѓу учесниците ќе има и членови на Slow Food Ohrid, кои по традиција се дел од настаните, ќе се претстават производители на традиционална храна, мали винарии, како „Пирустија Неданоски“, Monastery Winery, Papas Food и други, потенцира Николовски.

Во рамки на саемот свој сегмент ќе има и Алијансата на готвачи, а свое претставување ќе има и охридскиот готвач Димитар Арнаудовски. Предвидени се официјални презентации на различни традиционални специјалитети приготвени со производите од малите производители.

Николовски додаде дека ќе има и детско катче. Во посебен павиљон децата ќе се едуцираат, преку целодневна програма од повеќе сегменти, ќе учат како да месат леб, постапка од зрно до погача, како се прави сирење, како да ги разликуваат семињата на локалните сорти на житарици и мешунки.

Саемот „Вкуси ја традицијата“ е во организација на министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, во соработка со Slow Food Macedonia, а со поддршка од GIZ.

Slow Food Macedonia брои 40 организации и здруженија кои делуваат во секторот на земјоделство и храна и обединува над 300 производители. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука