ЕКОЛОГИЈА ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Водостојот на Охридското Езеро над просекот за април

Охрид, 22. април 2024 (ОХРИДПРЕС) – Периодов се бележи зголемување на нивото на водата во Охридското Езеро со што е надминат априлскиот просек.

Според последните мерења на Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР), водостојот е на кота од 693,59 м.н.в што е за 2 сантиметри над просекот за април (693,57 м.н.в) и за 49 сантиметри над минимално дозволената кота (693,10 м.н.в). Температурата на водата е 13 степени, што е за 2,7 степени повисока од вообичаената за овој период од годината.

Од почетокот на месецов водостојот е покачен за 7 сантиметри.

Во Охрид денес сончево време со умерена облачност и услови за повремени врнежи од дожд кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Максималната температура ќе се искачи до 16. степени.

– Утре под влијание на нов влажен бран ќе има врнежи од дожд кои наместа ќе бидат пообилни и поројни, проследени со ретки грмежи и засилен ветер. Потоа во следните денови ќе има повремени локални врнежи од дожд со слаб, а во четврток наместа со умерен интензитет, информираат од УХМР. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/УХМР

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука