Здравје Избор Македонија ТОП ВЕСТИ

243 мажи починале лани од рак на простата, најмладиот имал 45 години

Скопје, 2. ноември 2021 (ОХРИДПРЕС) – Минатата година од рак на простата во Република Македонија починале 243 лица, покажуваат податоците на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) по повод Ноември – месец на машкото здравје.

Најголемиот број од починатите, 142, биле на возраст над 75 години, 75 на возраст од 65-74 години, 24 на возраст од 55-64 години и 2 на возраст од 45-54 години.

И годинава во светот и кај нас се одбележува светски месец на машкото здравје, а акцентот се става врз превенцијата на ракот на простата, болест која станува се почеста.

Простата е жлезда која е лоцирана под мочниот меур и пред ректумот. Нејзината функција се состои во производство на течност која ја храни и пренесува семиналната течност. Ракот на простата настанува кога клетките кои го градат ѕидот на истата почнуваат абнормално да растат.Истражувањата укажуваат за висока поврзаност на одредени здравствени состојби со абнормален раст на клетки, кои може да претходат и да резултираат евентуално со развивање на рак на простата.

Постојат бројни ризик фактори за развивање на рак на простата: возраст (оваа состојба е ретка кај мажи помлади од 40 години, така што со зголемување на возраста расте и ризикот); етничка припадност (почеста е кај мажи со потекло од Африка); фамилијарна историја (доста често има позитивна фамилијарна анамнеза); генски мутации (мутации на BRCA1 и BRCA2 гените, што истото така влијаат врз развивање на рак на дојка и на овариуми, може да го зголемат ризикот за развивање на рак на простата исто така); пушење и исхрана; воспалителни болести на простата; сексуално преносливи болести.

flaer

Чести знаци за присуство на малигно заболување на простата се: крв во урината, проблеми со уринирање, слаб и испрекинат млаз, со зачестено ноќно мокрење, еректилна дисфункција, болка и неконтролирани нагони за мокрење.

За да има дефинитивна дијагноза за присуство на рак на простата, потребно е потврдување на дијагнозата со правење на биопсија. Третманот се врши со оперативен третман придружен со хеморадиотерапија.

Раното откривање на болеста доколку е присутно, дава можност за нејзино дефинитивно лекување.

– Раното откривање на ракот на простата е многу битно во превенцијата на оваа болест. Доколку имате над 40 години, сте имале некој член од семејството кој боледувал од рак на простата, или пак чувствувате некој од симптомите, консултирајте се веднаш со вашиот матичен лекар. Понатаму тој ќе ве насочи за потребните испитувања и прегледи кои треба да ги направите, потенцираат од ИЈЗ. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука